“А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете. Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави. Но токму кога науми да го стори тоа, на сон му се јави ангел Господов и му рече: ,Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух. Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.-А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија: ,Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.- Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена. Но Јосиф ја запази Марија како девица, се додека таа не роди Син, на кој тој Му даде име Исус.” (Матеј 1:18-25)
“Во тоа време римскиот император Август издаде заповед за прв попис на населението во неговата земја. Во времето на тој попис управник на Сирија беше Квиринеј. Тогаш секој отиде да се запише во местото на своето потекло. Така и Јосиф, кој беше потомок на царот Давид, тргна од галилејскиот град Назарет во јудејскиот град Витлеем, родното место на Давид. Јосиф отиде таму да се запише заедно со својата бремена свршеница, Марија. Додека беа таму, нејзе и дојде времето да се породи. И роди Син, нејзино Првороденче, Го пови и Го положи в јасли, бидејќи за нив немаше место во ноќевалиштето. Во истиот тој крај, имаше пастири кои ноќеваа во полето, чувајќи ги своите стада. Одеднаш им се јави ангел Господов и славата Господова ги осветли, од што тие многу се исплашија. Но ангелот им рече: ,Не плашете се! Ви носам радосна вест, што ќе ги зарадува сите народи. Денес, во Давидовиот град, во Витлеем, ви се роди Спасителот – Месијата, Господ. Доказ за ова ќе ви биде следното: во јаслите ќе најдете Новороденче во повој. Вчасот, на ангелот му се придружија голем број ангели од небото, кои Го славеа Бога пеејќи: ,Слава на Бог во небесата, а на Земјата мир за луѓето над кои почива Неговата благонаклоност!- Кога ангелите се вратија на небото, пастирите си рекоа еден на друг: ,Ајде да појдеме до Витлеем и да ја видиме оваа случка со која не запозна Господ! Отидоа брзајќи и ги најдоа Марија и Јосиф со Новороденчето кое лежеше во јаслите. Откако Го видоа, на сите им раскажуваа за сето она што им го беше рекол ангелот за Детето. Сите што го слушаа ова од пастирите, се восхитуваа, а Марија ги запамети сите тие зборови и често размислуваше за нив. Потоа пастирите се вратија, пеејќи Му славопојки на Бог за сето она што го слушнаа и видоа, зашто се беше точно така како што им кажа ангелот.-” (Лука 2: 1-20)
“Потоа на небото се покажа една чудна појава: жена облечена со Сонцето. Под нејзините нозе беше Месечината, а на главата имаше венец со дванаесет ѕвезди. Жената се породуваше и врескаше од породилни болки. Тогаш и друга глетка се појави на небото: еден голем црвен Змеј со седум глави и десет рогови; на секоја од седумте глави имаше круна. Со својата опашка Змејот завлече една третина од ѕвездите на небото и ги собори долу на Земјата. Потоа Змејот се упати кон жената за да и го погуби Детето, откако ќе Го роди. Жената роди Син, Кој ќе владее над сите народи со железен скиптар. Синот беше издвоен и однесен кај Бог, на Неговиот престол.” (Откровение 12: 1-5)