а) На кого да се молиш?
Исус рече:
“… молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата…”
(Матеј 6:9)
“… во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно…”(Филипи 4:6)
“… Мојот небесен Татко ќе ви ја исполни секоја молба што ќе Му ја упатите во Мое име.” (Исус, во Ев. Јован 15:16)
“Ве уверувам дека Мојот небесен Татко ќе ви даде се што ќе посакате во Мое име.” (Исус, во Ев. Јован 16:23)
б) Како да не се молиш!
“А кога се молите, не постапувајте како лицемерите, кои сакаат да бидат забележани од другите кога се молат по синагогите и по плоштадите. Ве уверувам дека друга награда за нив ќе нема! А ти, кога ќе се молиш, влези во својата соба, затвори ја вратата и помоли Му се на твојот невидлив небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно и ќе те награди јавно. Кога се молите, не редете празни зборови, како што тоа го прават оние што не Го познаваат Бога, мислејќи дека ќе бидат услишани поради својата речовитост.” ( Матеј 6:5-7)
“Не биди брз на зборување – твоето срце да не избрзува пред Бога – – зашто Бог е на небото, а ти си на Земјата; затоа, зборувај одмерено.” (Проповедник 5:2)
“Двајца мажи влегоа во храмот да се молат; едниот беше фарисеј, а другиот собирач на данок. Горделивиот фарисеј стоеше одвоено и се молеше вака: ,Ти благодарам, Боже, што јас не сум грешник, како што се другите луѓе: разбојници, нечесни, прељубници; ниту пак како овој собирач на данок, овде! Двапати неделно постам и во храмов давам десеток од сите мои приходи!-А собирачот на данок стоеше подалеку и не се осмелуваше ни да погледне кон небото, туку се удираше во градите и се молеше вака: ,Боже! Имај милост спрема мене, зашто јас сум грешник!’-Ве уверувам дека собирачот на данок, а не фарисејот, си замина оправдан пред Бога! Зашто, оној што се крева на големо – ќе биде понижен, а оној што се понизува – ќе биде издигнат.” (Исус, во Лука 18:10-14)
в) За што да се молиш?
-1) за Божја управа на Земјата
“Нека дојде Твоето царство, нека се извршува Твојата волја овде на Земјата, како што се извршува на небото.” (Матеј 6:10)
2) За дневните потреби
“Дај ни ја неопходната храна за денешниот ден.
Прости ни ги нашите гревови, како што и ние веќе им простивме на оние што нам ни згрешија.” (Матеј 6:11-12)
“Немојте да се јадосувате за ништо, туку во сите ваши молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате.” (Филипи 4:6)
3) за Божја заштита
“Не оставај да им потклекнеме на искушенијата, но избави не од Лукавиот” (Матеј 6:13)
г) Моли се редовно!
“Посветете се на молитва, будно и со благодарност.” (Колос 4:2)
“Постојано молете се.” (1. Солун 5:17)
“Бидете на штрек и молитва во секое време, за да имате сили успешно да го пребродите сето ова што ќе се случи и да застанете исправени пред Синот Човечки.” (Лука 21:36)
“Постојано молете се и барајте, онака како што ве води Светиот Дух. Бидете будни и истрајно молете се за сите христијани.” (Ефес 6:18)
“Потоа Исус им ја кажа следнава споредба, за да им покаже дека треба постојано да се молат и да не се обесхрабруваат…” (Лука 18:1)
д) Моли се несебично!
“… молете се еден за друг… енергичната молитва од праведен човек има голема сила!” (Јаков. 5:16)
“Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив. Молете се за царевите и за сите што се на власт, за да имаме мирен и тивок живот, исполнет со побожност и достоинство.” (1. Тимотеј 2:1-2)
ѓ) Моли се со благодарност!
“Постојано и за се заблагодарувајте Му се на Бог, небесниот Татко, во името на нашиот Господ Исус Христос.” (Ефес 5:20)
“Како прво, ве поттикнувам да се молите за сите луѓе. Барајте од Бог да им помогне и да ги благослови, а потоа заблагодарувајте Му се за сите нив.” (1. Тимотеј 2:1)
“Посветете се на молитва, будно и со благодарност.” (Колос 4:2)
“Немојте да се јадосувате за ништо, туку во вашите молитви барајте го од Бог она што ви е потребно и бидете благодарни за она што го добивате.”(Филипи 4:6)
е) Моли се со вера и доверба во Господ!
“А без вера не е можно да Му бидеме угодни на Бог. Секој што сака да дојде кај Бог, мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние што искрено Го бараат.” (Евреите 11:6)
“Ако верувате, ќе добиете се што ќе побарате преку молитва.” (Матеј 21:22)
“Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него. Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и разбива. Таквиот човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ, бидејќи е нерешителен и непостојан…” (Јаков 1:5-8).
ж) Понекогаш придружи ја молитвата со пост
“Кога Исус се врати дома, Неговите ученици насамо Го запрашаа: ,Зошто ние не можевме да го истераме демонскиот дух?’ Исус им одговори: ,Овој вид демони можат да се избркаат само со пост и молитва.'” (Марко 9:28-29)
“Затоа, (вие, брачните другари) не лишувајте се еден од друг, освен, по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на пост и молитва.” (1. Коринт 7:5)
з) Чии молитви се (не)прифатливи за Господ?
“Знаеме дека Бог не слуша грешници, туку ги слуша оние што имаат страхопочит кон Него и ја вршат Неговата волја.” (Ев. Јован 9:31)
“Близу е Господ до сите кои Го бараат, до оние, кои искрено Го призиваат.” (Псалм 145:18)
“На Господ Му се одвратни жртвите на грешниците, а молитвите на праведниците Му се угодни.” (Поговорки 15:8)
“Енергичната молитва од праведен човек има голема сила!” (Јаков 5:16)
“Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета.” (Исус, во Ев. Јован 15:7)
“Се што ќе побараме од Него, ќе добиеме, ако се држиме до Неговите заповеди и го правиме она што е во согласност со Неговата волја.” (1. Јован 3:22)
ѕ) Библискиот модел за богоугодна молитва
“Оче наш, Кој си на небесата:
да се свети Името Твое,
да дојде Царството Твое;
да биде волјата Твоја – како на небото, така и на Земјата.
Лебот наш насушен дај ни го денес;
и прости ни ги долговите наши,
како што им ги проштаваме и ние на нашите должници.
И не воведи не во искушение,
но избави не од Лукавиот,
зашто Твое е Царството, и силата, и славата
во сите векови. Амин!” (Матеј 6:9-13)
*******
Афоризми за молитвата
Тајната на молитвата е молитвата во тајност.
Твојата молитва е единственото оружје кое непријателот не може да го фалсификува.
Молитвата не се мери по должината, туку по длабочината.
Молитвата без работа е просјаштво; работата без молитва е ропство.
Некои луѓе го третираат Бог како адвокат: го бараат само кога се во невола!
Не се моли Бог да те употреби, туку да те направи употреблив.
Многу молитви не стасуваат до Бог, бидејќи се погрешно адресирани!
Пред да го молиш Бог да ти даде вера која ќе покренува планини, моли го да ти даде вера која ќе те покрене тебе!
Кога се молиш, моли се од срце, па макар и без зборови, наместо со зборови – а без срце!
Кога си на колена, не можеш да се сопнеш!
Кога се молиш пред луѓето, дали сакаш Бог да те држи за збор?
Кога се молиш, не давај му на Бог совети и упатства; поднеси му рапорт!
Додека молитвата бара дожд, верата го отвора чадорот!
Човекот вели: “Боже, се молев, се молев и се молев; зошто не одговараш?”
Бог вели: “Човеку, одговарам, одговарам и одговарам; зошто не слушаш?”
Не очекувај милионски одговор, на молитва од пет пари!
Не соочувај се со денот, додека не се соочиш со Бог.
Многу молитви – многу сила; малку молитви – малку сила; нема ли молитва – нема ни сила!
Добро е да се наштимаш со утринска молитва, за да не свириш фалш преку целиот ден!