Библијата има неверојатна историја! Всушност Библијата не е една книга, како што често луѓето мислат, таа е составена од 66 различни книги, пишувани во период од преку 1600 години, напишани од 40 различни писатели. Стариот завет содржи 39 книги, кои се пишувани од 1500 до 400 пред Христа, додека Новиот завет е пишуван од 40-100 година по Христа. Стариот завет е оригинално напишан на арамејски и хебрејски јазик, додека Новиот завет е пишуван на Старогрчки јазик.
Првите Библиски книги се Старозаветните книги, кои се пишувани од страна на евреите. Тие биле запишувани на кожни ролни и камени плочи. Писателите биле од различни животни профили: цареви, овчари, пророци, водачи и судии. Првите пет книги се нарекуваат уште и Законот (Петокнижие) и се списи на Мојсеј од раниот 15 век пред Христа. Во следните 1000 години Евреите ги собирале на едно место разните книги кои зрачеле со посебно значење. Последните Старозаветни книги се напишани од пророците околу 400 години пред Христа.
Иако овие списи се многу стари, нивната веродостојност е неверојатна, заради прецизниот Еврејски метод на копирање (препишување) кој се користел за нивно ширење. Таа неверојатна Еврејска школа на писари, развила сложено и ритуално пребројување на буквите, редовите, зборовите и параграфите во секоја нова копија и нивно споредување со оригиналниот запис. Тоа осигурувало дека не се направени грешки при препишувањето. Писарите од оваа школа целите свои животи ги посветувале на зачувување на точноста на Светите книги. Всушност, една пронајдена грешка при препишувањето значела дека целиот манускрипт мора да биде уништен. Таа Еврејска писарска традиција била сочувана се до пронајдокот на машината за печатење во 15 век. Нивната неверојатна прецизност беше уште еднаш потврдена при откритието на Списите од Мртвото Море, пронајдени во минатиот век, а неверојатно веродостојни и идентични со списи пронајдени на други места и од други временски епохи.
400 години по завршувањето на пишувањето на Стариот завет, Исус Христос се појавува на светската сцена и со тоа започнува епохата на Новиот завет. Преку Неговото учење, кое често пати цитира извадоци од Стариот завет, се потврдува дека Христос не го укинува и негира Стариот завет, туку го исполнува.
Почнувајќи од 40 година по раѓањето на Христос, па се до 100-тата година, очевидците на учењето и настаните од животот на Исус, вклучувајќи ги тука Матеј, Марко, Лука, Јован, Павле, Јаков, Петар, Јуда и други ги запишуваат Новозаветните Евангелија, Посланија (писма) и книги. Нивните 27 списи, го сочинуваат Новиот завет. Набрзо нивното влијание се шири и продира на речиси сите места од тогаш познатиот свет. Новиот завет станува најпрепишуваниот и најверодостојниот документ од античкиот свет, со преку 24,000 сочувани примероци до ден денес (се претпоставува дека стотици илјади други примероци биле во циркулација но се уништени со текот на времето), во споредба со 643 примероци сочувани од вториот најраспространет документ од древниот свет. Неверојатната хармонија на овие 24,000 списи уште еднаш потврдува дека препишувањето било извршувано неверојатно педантно и беспрекорно прецизно.
Уште позачудувачко и поневеројатно е како овие 66 книги, запишувани на три различни континенти (Европа, Азија и Африка) од страна на преку 40 различни писатели, од овчари до луѓе со три факултети, во една толку широка временска епоха која опфаќа најмалку 16 векови, опстојуваат заедно во едно издание со една единствена цел, смисла и сложност. Ваквиот развој на историјата ги уверува многуте љубители на Библијата дека писателите можеби биле многу, но авторот недвосмислено е Еден.
You must be logged in to post a comment.