Помош за читање на Библијата

1. Како да ја читам Библијата?

Библијата е обемна книга.  Дури и кога  е печатена со многу ситни букви, таа има повеќе од 1200 страници. Ако досега не сте ја читале Библијата, најдобро ќе биде ако читате наизменично од Стариот и Новиот завет.

Ги препорачуваме следниве можности:

а) Најпрво добро да го проучите Новиот завет, зашто во него е сржта на христијанството, учењето за спасението и целосното откровение. При читањето на Новиот завет, најефикасно ќе биде ако започнете од Ев. според Лука па докрај, завршно со книгата Откровение, а потоа да ги прочитате и евангелијата според Матеј и Марко. Дури потоа поминете на Стариот завет.

б) Прочитајте ги најпрво првите две книги во Библијата (Битие и Излез, или, 1 и 2 Книга Мојсеева). Потоа прочитајте го Новиот завет според упатствата дадени под а). Во третата фаза, прочитајте ги Псалмите и Книгите Поговорки (Изреки) и Проповедник, па потоа продолжете од 3 Книга Мојсеева до крајот на Стариот завет.

в) Ако решите да ја прочитате Библијата за една година, следете некој претходно изготвен план за такво читање.

 

2. Помагала при изучувањето на Библијата

Препорачливо е да користите помагала при читањето и проучувањето делови од Библијата. Тие можат да ви помогнат да го проширите своето знаење  или да го систематизирате проучу­ва­њето по книга, предмет, личност, итн.

Еве некои можни помагала:

DSC088691) ОТВОРЕНА БИБЛИЈА, во издание на Библиското здружние во РМ. Богато илустрирано издание со глобален преглед на секоја библиска книга, археолошки наоди и историски податоци.

DSC087532) ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА ЗА… во издание на Библискиот центар „Божилак”. Погодна за брз увид и за проучување на најважните теми, по азбучен ред.

 

3) БИБЛИСКИ РЕЧНИК од Петко Златески и Славе Николовски – Катин, во издание на „Македонска искра”, 1997 г. Појаснување на имиња, изрази, термини и сл., со посочени места во Библијата каде што се спомнуваат.

4) БИБЛИСКА КОНКОРДАНЦИЈА, односно можност да најдете одреден термин каде и колку пати се спомнува во Библијата (на пример зборот: љубов). Ова е овозможено на најдобар начин да го правите токму со нашата веб страна SvetoPismo.mk која го овозможува ова со едноставно внесување на бараниот збор (или зборови).

5) СВЕТОТ НА БИБЛИЈАТА, издание на “Детска радост”, Скопје.
6) Други помагала:

На странски јазици има многу библиски помагала, а голем број од нив се веќе на компакт дискови, интернет, итн.

 

3. Практични водилки при проучувањето на Библијата

Секогаш кога ќе ја читате Библијата, имајте на ум дека во рацете ја имате Божјата книга. Сe што ќе научите и примените од неа, е ваша вредна инвестиција за вечноста! Затоа, дајте сe од себе при проучувањето на Библијата! И, секогаш започнете со молитва Господ да ве просветли со Светиот дух, за да го разберете она што ќе го читате. Господ ги наградува искрените трагачи.

1. Кога, читајќи дел од Библијата, ќе наидете на непознат збор, запишете го или проверете го неговото значење во речник, коментар или слично.
Ако недоволно го разбирате  текстот  што го читате, прочитајте го и од друг превод на македонски, или на некој друг јазик што го разбирате. Ако и тогаш имате нејаснотии, поразговарајте со поискусни христијани кои редовно ја читаат Библијата, или пак со некој црковен учител, проповедник, теолог.

2. Научете се да споредувате текстови од Библијата. Не избрзувајте да формирате догма (доктрина) само врз основа на еден стих или пасус. Обидете се да го разберете целосното и доследно учење на Библијата за определено прашање. Основното правило гласи: „Библијата најдобро се толкува со Библијата”.

3. Кога ќе прочитате некој дел или глава од Библијата, поставете си ги следниве прашања:

  • Која е основната порака (тема) во овој текст?
  • Кој стих би го издвоил(а) посебно?
  • Кој стих(ови) ми се недоволно јасни?
  • Што можам да научам од овој текст?
  • Има ли овде некое Божјо ветување важно и за мене?
  • Што од прочитанато можам да применам во пракса?

Искористете ја првата можност да поразговарате со некој друг христијанин, за она што сте го читале.

4. Вложете напори да учите Библиски стихови напамет. Тоа во животот ќе ви користи повеќе одошто мислите! Започнете со некои попопуларни стихови, како оние од Ев. Јован 3:16;  5:24; Римјаните 10:9, итн.