БИБЛИЈАТА (Свето Писмо, Божјо Слово, Божја Реч, Божји Закон)

а) Библијата е од Бога вдахновена

“Целото Свето Писмо е од Бога вдахновено. Се што пишува во него може да ни користи за да се поучиме, да ни помогне да се поправиме и да ни покаже како праведно да живееме. Светото Писмо совршено го подготвува секој Божји човек да умее да прави добри дела од секаков вид.” (2. Тимотеј 3:16-17)

“Пред се треба да знаете дека ниту едно пророштво во Светото Писмо не е ничија самоволна објава, бидејќи тие пророштва никогаш не биле дадени по желба на некој човек, туку Светиот Дух ги поттикнувал и водел Божјите луѓе да го зборуваат она што им било наложено од Бог.” (2. Петар 1:20-21)

“Зборовите на Господа се беспрекорни, како сребро, од глина пречистено, седумпати претопено!” (Псалм 12:6)

б) Библијата има трајна вредност

“Зашто, ве уверувам дека, се додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине се додека целосно не се исполни!” (Матеј 5:18)

“Тревата се суши, цвеќето свенува, а Словото на нашиот Бог останува вечно.” (Исаија 40:8)

“Само зборот Господов вечно ќе живее. Тој збор е Радосната вест што ви беше проповедана.” (1. Петар 1:25)

“Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!” (Исус, во Матеј 24:35)

“За да ја направи света, исчистувајќи ја преку водното крштавање и преку Божјото Слово.” (Ефес 5:26)

в) Библијата е делотворна книга

“Божјата порака е жива и делотворна, поостра и од најостриот меч со две сечила. Таа се пробива длабоко во нас, до нашите најдлабики мисли и намери, соголувајќи ги и душата и духот во нас. Таа не разоткрива точно онакви какви што навистина сме.” (Евреите 4:12)

“Како може млад човек во чистота да живее? – Така што ќе се раководи по Твоите зборови!” (Псалм 119:9)

“Во моите страдања утехата ми е оваа: Твојот збор ме оживува!” (Псалм 119:50)

г) Библијата е офанзивно духовно оружје

“Ставете го спасението како шлем и земете го мечот на Светиот Дух, а тоа е Божјото Слово.” (Ефес 6:17)

Афоризми за Библијата

Мноштвото книги се дадени за наша информација; Библијата е дадена за наша трансформација!

Библијата не страда од ниеден атеист, туку од секој побожен формалист!

Библијата може понекогаш да те чуди, но никогаш нема да те заблуди!

Кога ќе откриеш дека Божјиот Збор е сладок како мед, ќе сфатиш дека гревот е горчлив како пелин!

Кога Библијата зборува, дискусијата е излишна; кога Библијата ќе замолкне – дискусијата е завршена!

Ако го има во Библијата – точно е!

Библијата сигурно не ја составил човек: и кога би сакал, не би можел; а кога би можел – не би сакал!

Да имаш своја Библија е голема привилегија!

Или Библијата ќе те варди од гревот, или гревот ќе те варди од Библијата!

Библијата, онаква каква што е, е токму за луѓето, онакви какви што се!

Семејната Библија се пренесува од генерација на генерација бидејќи малку се користи!