ЖАЛОСТА

а) Пред разделби

“Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: ,Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето. Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.-Ова многу ги ожалости учениците.” (Матеј 17:22-23)

“Исус им рече: ,Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене! (Матеј 26:38)

б) При каење

“Нека жалат, нека тагуваат и нека плачат. Наместо да се смеат, нека тагуваат, наместо да се радуваат, нека жалат.” (Јаков 4:9)

в) Поради смртен случај

“Еден пријател на Исус, по име Лазар, се разболе. Тој беше од селото Бетанија, и живееше со своите сестри Марија и Марта. (Тоа беше онаа Марија што подоцна Го помаза Господа со скапоцен парфем и Му ги избриша стапалата со својата коса; нејзиниот брат, Лазар, беше тој што се разболе.) Тогаш сестрите испратија ваква порака до Исус: ,Господе, твојот драг пријател се разболе!- Штом го слушна тоа, Исус рече: ,Оваа болест на Лазар не е за тој да умре, туку за да Му донесе слава на Бог и за да се прослави Божјиот Син преку неа.- (Исус многу ги сакаше Марта, нејзината сестра и нивниот брат Лазар.) Сепак, откако слушна дека Лазар е болен, Тој остана уште два дена таму каде што беше. Потоа им рече на Своите ученици: ,Ајде сега да се вратиме во Јудеја!- ,Учителе!- – Му рекоа учениците – ,Еврејските верски водачи штотуку сакаа да Те каменуваат, а Ти повторно сакаш да одиш таму!?- Исус им одговори: ,Денот има дванаесет часа, нели? Тој што оди дење не се сопнува, бидејќи пред себе ја има дневната светлина. Ако човек оди ноќе тој се сопнува, бидејќи пред себе нема светлина.-

Откако го рече ова, Исус им најави: ,Нашиот пријател Лазар заспал, и Јас одам таму за да го разбудам.- ,Господе-, – Му рекоа учениците – ,Штом заспал, значи дека заздравува од болеста!- (Исус сакаше да каже дека Лазар умрел, но тие претпоставија дека зборува за обично спиење.) Тогаш Исус отворено им рече: ,Лазар умре . Мило ми е што Јас не бев таму, зашто сега ќе добиете уште една можност да поверувате. Но, ајде да одиме кај него.- Во тој момент, Тома, кого го викаа Близнак, им рече на учениците: ,Да одиме со Учителот и ние да умреме со Него!-

Кога Исус пристигна во Бетанија, Му кажаа дека Лазар е веќе четврт ден во гробот. Бетанија беше близу до Ерусалим, на оддалеченост од околу три километри. Многу сонародници на Марта и Марија беа кај нив, за да ги утешуваат по повод смртта на нивниот брат. Кога Марта дозна дека Исус доаѓа, таа Му појде во пресрет, а Марија остана дома. Марта Му рече на Исус: ,Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре! Но, знам дека Бог ќе Ти даде и сега, се што ќе посакаш од Него!- ,Брат ти ќе воскресне!- – и одговори Исус. Марта Му рече: ,Знам дека ќе воскресне на крајот, кога ќе биде воскресението.- Тогаш Исус и одговори: ,Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?- ,Да, Господе-, – Му одговори Марта – ,јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!- Откако го рече ова, Марта си замина и кришум ја повика својата сестра Марија, па и соопшти: ,Учителот е овде и те вика!- Штом го слушна тоа, Марија бргу стана и Му појде во пресрет. (Исус се уште не беше влегол во селото, туку беше на местото каде што Марта Го пресретнат.) Кога Евреите што беа со неа во куќата за да ја утешуваат видоа како Марија бргу стана и замина, тргнаа по неа. Претпоставуваа дека таа оди на гробот на ствојот брат Лазар за да плаче.

Кога Марија дојде до местото каде што беше Исус и кога Го виде, клекна пред Неговите нозе и Му рече: ,Господе, да беше Ти овде мојот брат немаше да умре!- Кога виде Исус како плачат Марија и Евреите што беа со неа длабоко се натажи и се потресе. ,Каде го погребавте?- – запраша Тој. ,Господе-, – Му рекоа тие – ,дојди да видиш.- Исус заплака. Тогаш присутните Евреи говореа: ,Види колку го сакал својот пријател Лазар!- Некои, пак, од нив рекоа: ,Зарем Овој Човек што му ги отвори очите на слепиот не можеше да ја спречи смртта на Лазар!?- Пак длабоко трогнат, Исус дојде до гробот. Тоа беше една пештера чиј влез беше затворен со камен. ,Тргнете го каменот!- – рече Исус. ,Господе-, – Му рече Марта, сестрата на умрениот – ,четири дена поминаа откако брат ми умре и телото веќе смрди!- Исус и одговори: ,Нели ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава!?- Тогаш луѓето го тргнаа каменот. Исус го подигна погледот кон небото и рече: ,Татко, Ти благодарам што Ми ја услиши молитвата. Јас знам дека Ти секогаш Ми одговараш на молитвите, но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Јас сум Твој пратеник.-

Кога Исус ја заврши молитвата, извика: ,Лазаре, излези надвор!- Умрениот излезе, завиткан со повои околу нозете и рацете, а околу лицето му беше замотана шамија. ,Одврзете го и пуштете го да оди!- – им рече Исус.” (Ев. Јован 11:1-44)

“Неколку побожни луѓе го погребаа Стефан, оплакувајќи го на сиот глас.” (Дела на апостолите 8:2)

“Благословени се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени!” (Матеј 5:4)

г) Утеха за ожалостените

“Тој (Бог) ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Нема повеќе да постојат смртта, тагата, плачот и болката, зашто стариот свет неповратно ќе го нема.” (Откровение 21:4)

“Јагнето (Исус Христос), Кое е на средината на престолот, ќе им биде Пастир и ќе ги пои со животодавна вода. И Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи.” (Откровение 7:17)

“Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се стретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите.

Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.” (1. Солун 4:13-18)