КРИТИЗЕРСТВОТО

“Не осудувајте други, па и вие нема да бидете осудувани. Зашто, како што ќе судите вие, така и вам ќе ви биде судено; со каква мера ќе мерите, со таква и вам ќе ви се мери. Не гледај ја раската во окото на твојот ближен, туку гледај ја гредата во сопственото око! Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Дај да ти ја издвадам раската од окото-, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерство! Отстрани си ја најнапред гредата во сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на твојот ближен!” (Матеј 7:1-5)

“Затоа, ниеден човек нема оправдување! Дури ни тој што ги осудува таквите постапки, зашто и самиот е виновен за нив. Тој што им пресудува на другите си пресудува и себеси! Знаеме дека Бог е справедлив и ќе ги казни сите што прават такви работи. Немој да мислиш дека Бог ќе ги казни другите луѓе за нивните грешни постапки, а ти за слични постапки ќе ја избегнеш Божјата казна! Не сфаќај ја погрешно Божјата прекумерна добрина, воздржливост и долга трперливост спрема тебе! Божјата добрина ти дава време за да се покаеш!” (Римјаните 2:1-4)

“Со кое право осудуваш туѓ слуга!? Единствено неговиот Господар има право да го прифати или да го отфрли. Не грижете се, Господ ќе ги зачува од сериозни грешки. Тој е способен да ги одржи на здрави нозе.

Исто така некои христијани сметаат дека некој ден во неделата е поважен од другите, а други ги сметаат сите денови за еднакви. Секој нека си остане на своето уверување. Оние што на одреден ден му даваат поголемо значење од другите денови во неделата, го прават тоа од почит спрема Господ. Исто така и оние што јадат секаков вид храна, го прават тоа од почит срема Господ, бидејќи пред да почнат да јадат, Му се заблагодаруваат на Бог. Но и оние што прават разлика меѓу храна што смее да се јаде и храна што не смее да се јаде, го прават тоа од почит спрема Господ и на тој начин сакаат да Му искажат благодарност. Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите.

Тогаш, зошто ги критикувате другите христијани? Зошто дури и ги презирате? Не заборавајте дека секој од нас ќе застане пред Божјиот судски престол! Во Светото Писмо, Господ вели: ,Во Себе се колнам, бидејќи Сум вечно жив, дека секое колено пред Мене ќе клекне, секој јазик на Бог ќе Му се исповеда!- Значи, секој од нас, лично за себе ќе полага сметка пред Бог. Затоа, да престанеме да се осудуваме едни со други! Да се трудиме да не им поставуваме сопки и стапици на другите христијани.” (Римјаните 14:4-13)

Афоризми за критизерството

Повеќе ќе им помогнеш на другите ако се поправиш себеси, отколку да се обидуваш да ги поправиш другите!

По најродните дрвја, се фрлаат најмногу камења!

Најголем шампион е оној, кој ги совладува сопствените страсти!

Ако те критикуваат, значи дека си сторил нешто вредно, или пак си се воздржал од нешто безумно. Затоа, ТИ ЧЕСТИТАМ!

Критикувај го гревот, но не запаѓај во гревот на критизерството!

Животот е како огледало: ако му упатуваш насмевка, ти возвраќа со насмевка; ако му плазиш јазик и тоа ти возвраќа на ист начин!

Ако твоите зборови ги прикриваат твоите мисли, твоите дела ќе ги откријат!

Ако цел ден лаеш, не е чудо што навечер си изморен како пес!

Пред да му дадеш памет на друг, провери дали имаш доволно и за себе!

Се што не ти се допаѓа кај другите, отстрани го и од себе!

Наместо да покажеш со прст, обиди се да подадеш рака!

Подобро е да копаш факти отколку да натрупуваш претпоставки!

Не фрлај кал по другите; целта можеби и нема да ја погодиш, а рацете сигурно ќе си ги извалкаш!

Кога ги мериш луѓето, не ставај ги нивните квалитети под микроскоп, а нивните мани под лупа!

Ако се здружат широката уста и малиот ум, ќе создадат многу неволи!

Возвраќај им со иста мерка само на оние што ти правеле добро.

Не учел музика, но знае да те исвирка!

Подобро е на својот ближен да му подадеш дел од твоето срце, отколку дел од твоите совети!

Важно е како поучуваш, уште поважно е што поучуваш, најважно е како живееш!

Кога си сам, контролирај си ги мислите. Кога си дома, контролирај си го однесувањето. Кога си во друштво, контролирај си ги зборовите!

Многу нешта отвораме по грешка, а најчесто – својата уста!

Кога зборуваш, го кажуваш она што веќе го знаеш. Кога слушаш, ќе научиш нешто ново!

Ако критикуваш со сочувство – критикувај, ако ли со задоволство – молчи!

Мудар човек е оној, кој двапати ќе размисли, а потоа – ќе замолкне!

Секогаш, кога покажуваш со прст кон некого, истовремено со три прсти покажуваш кон себе!

Жешките зборови создаваат студени пријатели!

Храброст е да станеш да зборуваш, но исто така и да седнеш да слушаш!

Измиј си го прстот, пред да покажеш на туѓите грешки!