АНГЕЛИТЕ

(Хебрејскиот збор е “малак”, а грчкот – “ангелос”. Обата збора значат: “гласник”)

а) Улогата на ангелите

“Ангелите се само слуги. Тие се духовни суштества кои Бог ги испраќа да им помагаат на оние што ќе го примат спасението.” (Евреите 1:14)

“На Своите ангели Тој за тебе ќе им заповеда, на секој твој чекор да те чуваат.” (Псалм 91 (90):11)

“Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам.” (Лука 16: 22)

б) Ангели за децата

“Внимавајте да не потцените ниедно од овие најмалечкиве, зашто нивните ангели на небото се постојано со Мојот небесен Татко.” (Матеј 18:10)

в) Ангелите не знаат се

“А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото…” (Матеј 24:36)

“Дури и ангелите копнеат да проникнат во овие работи, да ги разберат.”(1. Петар 1:12)

г) Ангелите се радуваат

“Ве уверувам, дека, на сличен начин, Божјите ангели се веселат за еден грешник кој преку покајание се враќа кај Бог.” (Лука 15:10)

“Во моето видение понатаму чув песни од многубројни ангели… кои пееја громогласно, во хор…” (Откровение 5:11)

д) Ангелите не треба да се обожаваат

“Тогаш јас клекнав пред ангелот за да му се поклонам, но тој ми рече: ‘Немој! И јас сум Божји служител, како што си и ти, и сите други следбеници на Исус. Само на Бог поклонувај Му се!'” (Откровение 19:10)

“… паднав ничкум пред нозете на ангелот… со намера да му се поклонам. Но тој ми рече: ‘Немој, не прави го тоа! И јас сум само Божји служител, како што си и ти… На Бог поклони Му се!'” (Откровение 22:8-9)

ѓ) Споредба со ангелите

“Зашто, кога луѓето ќе воскреснат, тие нема да бидат ни женети ни мажени, туку ќе бидат како ангелите на небото.” (Матеј 22:30)

е) АРХАНГЕЛИ

“Господ лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат.”

(1. Солун 4:16)

Архангел Михаел (кај нас попознат како Михаил)

Името Миха-Ел на хебрејски значи: “Кој е како Бог!”

“Дури ни архангел Михаел, кога се препираше со Ѓаволот околу телото на Мојсеј, не се осмели да изнесе против него навредливо обвинение, туку рече: ,Господ да те прекори!-” (Јуда 9)

“Но јас ќе ти соопштам што е напишано во вистинското писмо; и нема никој друг, што ќе ми помогне во тоа, освен Михаил, вашиот кнез.” (Даниел 10:21)

“И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па се до денес; но ќе се спасат во тоа време од твојот народ сите, кои ќе се најдат дека се запишани во книгата.” (Даниел 12:1)

“Тогаш изби војна на небото: Михаел и ангелите под негова команда завојуваа против Змејот и неговите ангели. Змејот беше поразен и тој и неговите ангели беа исфрлени од небото. Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, беше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели.” (Откровение 12:7-9)

ж) Ангелот Гаврил, Гаврило, Габриел (најточно е: Гав-риел)

Името Гавриел на хебрејски значи: “Бог се покажа силен” или “Божји човек”.

– му ги протолкувал виденијата на пророкот Даниел:

“И кога јас, Даниел, го гледав тоа видение и замолив за неговото значење, ете пред мене застана некаков лик на човек. И чув… човечки глас, кој извика и рече:

– Гавриле, објасни му го тоа видение!

… а тој ми рече: ‘Знај, сине човечки дека видението се однесува на крајот од времето… еве ти откривам што ќе биде во последните денови на гневот; зашто тоа се однесува на крајот од определеното време…” (Даниел 8:15-19)

– го навестил раѓањето на Јован Крстител

“Наеднаш пред Захарија се појави ангел Господов и застана од десната страна на олтарот за кадење. Кога Захарија го забележа, се стаписа и страв го обзеде. Но ангелот му рече: ‘Не плаши се, Захарија! Молитвата ти е услишена! Твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе му дадеш име Јован… јас сум Гаврил и престојувам пред самиот Бог…” (Ев. Лука 1:11-13; 19)

– го навестил раѓањето на Исус Христос:

“По шест месеци, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град Назарет, кај една девица по име Марија… и и рече: ‘Ти ќе забремениш, ќе родиш Син и ќе Му дадеш име Исус. Тој ќе биде велик и ќе биде наречен Син на Севишниот…” (Ев. Лука 1: 26, 31-32)

з) СЕРАФИМИ

“Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот, висок издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе. И викаа еден кон друг и велеа: ,Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!- И се разниша горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим. И реков: ,Тешто ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот, Господа Саваот!- Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот…” (Исаија 6: 1-6)

ѕ) ХЕРУВИМИ

“И видов, ете на сводот, што е над главите на херувимите, нешто како камен сафир, како нешто да прилега на престол, се гледаше над нив. И му зборуваше Он на човекот, облечен во ленена облека, па рече: ,Влези меѓу тркалата под херувимите, земи полна рака разгорени јаглени од местото меѓу херувимите и расфрли ги врз градот.- И тој влезе пред очите мои.

Херувимите, пак, стоеја од десната страна на домот, кога влезе оној човек, и облак го исполни внатрешниот двор. И славата Господова се подигна од херувимот на прагот од домот и домот се исполни со облак и дворот се исполни со светлина од славата Господова. И шумот од крилјата на херувимите се слушаше дури до надворешниот двор, како да е тоа глас од Бога Сесилниот, кога Он зборува. И кога Он му даде заповед на човекот облечен во ленена облека, му рече: ,Земи оган од местото меѓу тркалата, меѓу херувимите-, и кога тој влезе и застана меѓу тркалата – тогаш среде херувимите застана еден херувим, ја протегна раката своја кон огнот, што беше меѓу херувимите, и зеде, па му даде една рака на облечениот во бела ленена облека. Тој зеде и излезе. А под крилјата на херувимите се гледаа подобија слични на човечки раце. И видов: ете четири тркала до херувимите, по едно тркало до секој херувим, а тркалата имаа изглед како да се од каменот топаз. И сите четири по својот вид беа еднакви, како едно тркало да се наоѓаше во друго тркало. Кога одеа, одеа на сите четири страни; кога одеа не се свртуваа, но одеа кон она место, каде што им беше свртена главата; кога одеа не се свртуваа. И телото нивно и грбот нивни и рацете нивни, и крилјата нивни, и тркалата нивни наоколу беа исполнети со очи – сите имаа по четири тркала. Тркалата се викаа, како што чув, галгал. И секоа животно имаше по четири лица: првото лице – лице херувимско, второто лице – лице човечко, третото лице – лице лавовско и четвртото лице – лице орловско. Херувимите се подигнаа. Тогаш видов дека тие беа истите животни што ги видов при реката Ховар. Кога одеа херувимите, се вртеа до нив и тркалата; кога се подигаа крилјата нивни, за да се подигнат од земјата, тркалата не се одделуваа, туку беа при нив. А кога стоеја, стоеја и тие; кога ќе се подигнеа, се подигаа и тие, зашто во нив беше духот на животните. И славата Господова се подигна од прагот на домот, па застана над херувимите. И херувимите ги подигнаа крилјата свои и се подигнаа пред очите мои од земјата. Кога тргнаа, и тркалата беа до нив; па застанаа при влезот на источната врата од домот Господов, и славата на Бога Израелов беше над нив одозгора. Тоа беа истите животни, што ги видов во подножјето на Израеловиот Бог при реката Ховар. И јас разбрав дека тоа се херувими. Секој имаше по четири лица, и секој – по четири крилја, а под нозете слично на човечки раце. Лицата им личеа како на оние лица, што ги видов при реката Ховар – од ист вид, тие истите. Секој одеше право во оној правец, што беше пред лицето негово.” (Езекиел 10)

“Чуј не, Пастиру Израелов, Ти, Кој го водиш како стадо народот Јосифов, Ти, Кој Си зацарен меѓу херувимите: заблескај!”

(Псалм 80 (79):1)

“Господ царува – нека треперат народите! Престолот Му е меѓу херувимите – нека се тресе земјата!” (Псалм 99 (98):1)

“И направи два херувима од злато, леани направи ги и постави ги на двата краја од поклопецот.” (2. Мојсеј 25:18)

и) Ангелите отпадници (види и под “Демонски духови”)

“Зашто Бог не ги поштеди ни ангелите што згрешија, туку ги предаде во оковите на мракот, ги фрли во пеколот, за да бидат таму чувани се до Судниот ден.” (2. Петар 2:4)

“Зар не знаете дека ние, христијаните, ќе им судиме дури и на ангелите? Тогаш, колку полесно треба да ги разрешуваме овоземните несогласувања!” (1. Коринт 6:3)

“Потоа Царот ќе им се обрати на оние од левата страна: ,Бегајте од Мене, вие клетници! Одете во вечниот оган, подготвен за Ѓаволот и за неговите ангели!-” (Матеј 25:41)

“Големиот Змеј, старата Змија, што ги мами сите жители на Земјата, познат како Ѓавол и Сатана, баше фрлен на Земјата, заедно со неговите ангели.”(Откровение 12:9)

ј) Луцифер

(Во овие текстови наречен: Деница, син на зората; Тирски цар; помазан херувим)

“Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во срцето свое си велеше: ,Ќе се искачам на набото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот.-“(Исаија 14:12-14)

“,Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му: – вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината. Ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, хризолит, оникс, јаспис, сафир, карбункул, смарагд и злато, сите вешто исткаени и нанижани на тебе, приготвени во денот кога беше создаден. Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, се додека не се најде во тебе беззаконие. Од твојата проширена трговија утробата твоја се исполни со неправда и ти згреши; и Јас те соборив како нечист од Божјата гора, те истерав тебе, херувиме, што осенуваше, среде огнени камења. Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас ќе те соборам на Земјата, ќе те предадам на потсмев пред царевите.-” (Езекиел 28:12-17)