ПОСТОТ

а) Божјото гледиште за постот

“,Зашто, ние постиме, велат, а Ти (Боже) не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш!’ (А Господ одговара:)- – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и од други барате тешки трудови. Ете, вие постите за караници и расправии и за да ги биете со рака сиромасите; вие не постите во тоа време така, што гласот ваш да биде чуен во висините. Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господа? Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и скитниците сиромаси одведи ги во домот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од еднокрвниот не се криј. Тогаш твојата светлина ќе се јави како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те придружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Тој ќе рече: ,Еве Ме.- Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо.” (Исаија 58:3-9)

“Определете пост, објавете свечен собир, повикајте ги старците и сите жители од тој крај во домот на Господа, вашиот Бог – и викајте кон Господа.” (Јоил 1:14)

“Но и уште сега вели Господ: обрнете се кон Мене од се срце, со пост, плач и ридание.” (Јоил 2:12)

“А ти, кога постиш, дотерај си ја косата и разведри си го лицето, за да не те познаат луѓето дека постиш; доволно е што знае твојот небесен Татко, Кој го гледа тоа што е тајно, за што ќе те награди јавно” ( Матеј 6:17-18)

“Овој вид демон може да се изгони само ако претходно сте биле на молитва и пост.” ( Матеј 17:21)

“Затоа, не лишувајте се еден од друг, освен по исклучок, ако така заедно се договорите, и тоа нека биде само за извесно време и со цел да се посветите на пост и молитва. Потоа вратете се на нормалниот интимен живот, за да не ве наведе на искушение Сатаната, користејќи ја вашате невоздржливост.”

(1. Коринт 7:5)

б) Примери за пост (од Библијата)

1) Мојсеј

“И остана Мојсеј таму пред Господа четириесет дена и четириесет ноќи, не јадејќи леб и не пиејќи вода; и ги напиша врз плочките зборовите на Заветот, Десетте заповеди.”

(2. Мојсеј 34:28)

2) Ездра

“Стана Ездра и тргна од Божјиот дом кон зградата на ризницата при Јоханана, Јелисувавиот син, и стигна таму. Леб не јадеше и вода не пиеше, зашто плачеше поради престапите на преселниците.” (Ездра 10:6)

3) Христос

“Исус се врати од реката Јордан исполнет со Светиот Дух. Духот Го одведе во пустината, каде што Ѓаволот Го искушуваше четириесет дена. За сето тоа време Тој не јадеше ништо…” (Лука 4:1-2)

4) Црквата во Антиохија

“Еден ден, додека Му служеа на Господ и постеа, Светиот Дух им рече: ,Одвојте ми ги Барнаба и Савле за една посебна задача што сакам да им ја доверам!- Откако постеа и се молеа, нивните соработници ги положија рацете врз нив и ги испратија.” (Дела на апостолите 13:2-3)

5) Апостол Павле и Барнаба

“Во секоја црква поставија старешини, откако постеа и се молеа, а потоа ги предадоа во рацете на Господ, во Кого поверуваа, Тој да се грижи за нив.” (Дела на апостолите 14:23)