СМРТТА

(види и под “Животот”)

а) Физичката смрт е општа судбина на сите луѓе

“… на луѓето им е определено само еднаш да умрат, а потоа доаѓа судот.”(Евреите 9:27)

б) Смртта е резултат на гревот на човекот

“Гревот навлезе во овој свет преку еден човек, односно преку Адам. Гревот ја донесе смртта, која ги зафати сите луѓе, бидејќи сите згрешија.” (Римјаните 5:12)

в) Власта над смртта ја има воскреснатиот Христос

“… ги имам клучевите од смртта и од Адот” (Исус, во Откровение 1:18)

“Тогаш Исус и одговори: ,Јас сум Тој што воскреснува и дава живот! Секој што верува во Мене, ќе живее, дури и ако умре! Секој што ќе поверува во Мене за време на својот живот, никогаш нема да вкуси вечна смрт! Веруваш ли во тоа?- ,Да, Господе-, – Му одговори Марта – ,јас поверував дека Ти си Месијата, Божјиот Син, што Го очекувавме да дојде на светот!-” (Ев. Јован 11:25-27)

в) Ќе има воскресение од смртта

“Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус. Ова ни е кажано од Господ. Тој ни рече дека ние што ќе бидеме живи кога Тој повторно ќе дојде, ќе се сретнеме со Него откако Тој претходно ќе ги воскресне починатите. Господ Лично ќе се симне од небото, со силен глас ќе заповеда, со глас на архангел и со труба Божја, и прво ќе воскреснат оние што верувале во Христос пред да починат; потоа ние што сме живи, заедно со нив, ќе бидеме грабнати во облаците, за да се сретнеме со Господ и засекогаш да останеме со Него. Затоа, утешувајте се и охрабрувајте се меѓусебно со овие зборови.” (1. Солун 4:13-18)

г) Смртта значи: телото во земја, душата кај Господ

“И да ти се врати телото во правта од којашто е земено, а духот при Бога, од Којшто потекнува.” (Проповедник 12:7)

“Кога почина сиромавиот, ангелите го одведоа на небото, каде што е Авраам. Почина и богатиот и беше погребан.” (Лука 16:22)

“Никој од нас христијаните не живее за себе и не умира за себе. Додека сме живи, живееме за Господ. Кога умираме, умираме за да Му се придружиме на Господ. Живи или мртви, ние Му припаѓаме на Господ. Всушност, токму заради ова Христос умре и воскресна, за да им биде Господ и на живите и на мртвите.” (Римјаните 14:7-9)

“Потоа еден глас од небото ми рече: ,Запиши го ова: Благословени се оние што отсега натаму умираат со вера во Господ!- А Духот одговори: ,Да, тие ќе отпочинат од своите напори, зашто резултатите од нивниот труд ќе ја продолжат службата!-” (Откровение 14:13)

“Што е животот? За мене тоа е Христос! Што е смртта? За мене тоа е чиста добивка!” (Изјава на апостол Павле, во Филипи 1:21)

“И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат – едни за живот вечен, а други за укор и срам.” (Даниел 12:2)

*******

Афоризми за смртта

Смртта не е последниот сон, туку последното будење!

Денес живеј како да ти е последен ден од животот – зашто може и да ти биде последен!

Само оној што е подготвен да умре, е подготвен и да живее!

Оние што чекаат да се спасат во “пет до дванаесет” – умираат во единаесетипол!

ГРЕВ – семе што се сее. СМРТ – плод што се жнее.

ВЕРАТА те прави христијанин. ЖИВОТОТ покажува дали си христијанин. НЕВОЛИТЕ потврдуваат дека си христијанин. СМРТТА те крунисува како христијанин!