МАКЕДОНИЈА (и Македонците)

а) Христијанството доаѓа во Македонија!

“Во текот на ноќта, (апостол) Павле имаше видение: еден Македонец стоеше пред него и го молеше: ‘Дојди во Македонија и помогни ни!’ Ние веднаш се упативме накај Македонија, сфаќајќи дека Бог не повикува таму да ја проповедаме Радосната вест (Евангелието);

… заминавме за Филипи, важен град во покраината Македонија. Тој град беше римска колонија. Таму останавме неколку дена… седнавме и позборувавме со неколку жени… меѓу нив беше една жена по име Лидија од градот Тијатир… Лидија веруваше во Бог. Додека не слушаше, Господ и го отвори срцето и таа го прифати она што го зборуваше (апостол) Павле. Откако таа и нејзините домашни се крстија, упорно не канеше да бидеме нејзини гости…” (од д-р Лука, во Делата на апостолите 16:9-10)

б) Комплименти за македонските христијани

“Драги пријатели христијани во Коринт, сакаме да ве известиме за Божјата милосрдна благонаклоност кон црквите во Македонија. Тие поминаа низ големи искушенија и низ многу неволи, но нивната радост е толку голема што, и покрај нивната голема сиромаштија, тие се многу дарежливи. Јас сум сведок дека тие дадоа толку доброволни прилози колку што им се можностите, па и повеќе. Многу не молеа да им дадеме можност и тие да се вклучат во собирањето доброволни прилози за помош на христијаните во Ерусалим. Направија повеќе отколку што очекувавме. Прво самите себе Му се предадоа на Господ, а потоа ни се предадоа и нам, следејќи ја Божјата волја.” (2. Коринт 8:1-5)

“Постојано Му заблагодаруваме на Бог за сите вас и секогаш ве спомнуваме во нашите молитви. Си спомнуваме пред Бог, нашиот Татко, како се покажа вашата вера на дело, како работите со љубов и колку трпеливо се надевате на нашиот Господ Исус Христос. Знаеме, драги пријатели, дека Бог вас ве сака и дека ве одбра да бидете Негов народ…” (од апостол Павле, за христијаните во Солун; 1. Солун 1:2-4)

“Затоа, мои мили и многу сакани пријатели христијани, по кои толку копнеам, радост моја, останете Му непоколебливо верни на Господ!” (апостол Павле за христијаните во Филипи, Егејска Македонија; Филипи 4:1)

в) Македонци – соработници на апостолите

“Во тоа време во Ефес настанаа големи немири заради Христовото учење… Во градот настана мешаница и откако ги фатија Македонците Гај и Аристарх, сопатници на (апостол) Павле, сите со собраа во градскиот амфитеатар” (Дела на апостолите 19:23, 29)

“… На тој пат (апостол Павле) го придружуваа: Сопатер, синот на Пир од Верија, Аристарх и Секунд, од Солун…” (Дела на апостолите 20:4)

г) Апостол Павле свраќал повеќепати во Македонија

“…(апостол) Павле ги собра христијаните од Ефес и ги охрабри. Се збогува со нив и тргна за Македонија. Патем во сите градови низ кои поминуваше, со многу проповеди ги храбреше христијаните. Потоа замина за Грција. Таму остана три месеци. Токму кога се подготвуваше да тргне на пловидба кон Сирија, дозна дека група Евреи коваат заговор против него. Затоа реши да се врати преку Македонија.” (Дела на апостолите, 20:1-3)

“… да ве посетам (вас во Коринт) на одење накај Македонија, а потоа и на враќање од Македонија…” (2. Коринт 1:16)

д) Апостол Павле страдал во Македонија

” (Во Филипи) против Павле и Сила веднаш нагрвали толпа народ, а судиите наредија да им ги соблечат горните облеки и да ги тепаат со стапови. Откако сурово ги претепаа, ги фрлија в затвор и му наредија на чуварот добро да внимава на нив. Чуварот ја спроведе наредбата и ги фрли во најдлабокиот дел од затворот и им ги стегна нозете во пранги…”

(Дела на апостолите 16:22-24)

“(Во Солун) Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата. Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани, и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: ‘Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде! А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар – некојси Исус!’

Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија, меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог – ги ослободија”(Дела на апостолите 17:5-9)